Шаќири: МИОА останува активен поддржувач и партнер на граѓанското општество, отворено за соработка во реформите на јавната администрација [1]

Скопје, 1 февруари 2021
Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири учествуваше на секторска консултација на тема „Ефектите од работата на Секторската работна група за реформа на јавната администрација и идните предизвици за подобрување на соработката помеѓу граѓанските организации и институциите“. Настанот е во рамки на проектот „Дијалог со граѓанските организации –Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“, за кој МИОА има потпишано меморандум за соработка и партнерство со Фондацијата Отворено Општество - Македонија (ФООМ).
Во своето обраќање, министерот Шаќири ја истакна потребата од суштинско и структурно учество на граѓанското општество во клучните секторски реформи, како дел од процесот на пристапување кон ЕУ.
„Воведувањето секторски пристап подразбира сеопфатен и инклузивен реформски процес чија успешност зависи од исполнување на пет клучни критериуми, а еден од нив е и секторската и донаторската координација, каде еден од чинителите се и граѓанските организации кои делуваат во оваа област“, истакна министерот Шаќири.
Во контекст на создавање ефикасна, модерна и сервисно ориентирана јавна администрација, министерот Шаќири потенцираше дека должност на МИОА е да придонесе во унапредувањето на условите за непречена комуникација со граѓанските чинители за развој на граѓанското општество, во кое креирањето на политики на инклузивен начин - преку уважување на ставовите на граѓаните и соработка со граѓанските организации во клучните секторски реформи, ќе се смета за стандард, норма, а не отстапка.
„Од тие причини, со моето учество како министер за информатичко општество и администрација сакам да ја потенцирам важноста на овој проект и да Ви изразам честитки за посветеноста и успешната досегашна реализација. Притоа би ја искористил оваа прилика да го охрабрам севкупниот невладин сектор во Република Северна Македонија, активно да ги користи сите институционални механизми за консултација и соработка кои се на располагање “, рече меѓу другото министерот Шаќири.
На крајот, министерот Шаќири потенцираше дека МИОА останува активен поддржувач и партнер на граѓанското општество, отворено за соработка и во иднина, додавајќи дека сите мислења и забелешки кои ќе произлезат од овие консултации, ќе бидат земени предвид со цел подобрување на работата на секторската работна група а со тоа и на самиот процес на реформа на јавната администрација..
На секторската консултација свој осврт околу работата на Секторската работна група за реформа на јавната администрација дадоа и Нада Наумовска и Марија Мирчевска од Фондацијата Отворено Општество – Македонија, како и Неда Малеска Сачмароска од Центарот за управување со промени.

Министерство за информатичко општество и администрација