Работна средба со амбасадорката на Кралството Шведска
Скопје, 26 јануари 2023
Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити денеска оствари работна средба со амбасадорката на Шведска во Скопје, нејзината екселенција, Ами Ларсон Џаин, со која разговараа за актуелната ситуација и предизвиците, како и за заедничките приоритети.
Во однос на приоритетите кои се од одлучувачко значење за евроинтегративните процеси, министерот ја информираше амбасадорката за посветеноста кон изработката на Стратегијата за сајбер безбедност и плановите за создавање на Агенцијата за сајбер безбедност, како важен елемент во националната безбедност.
Воедно, министерот потенцираше дека дигитализацијата на услугите и реформите во јавната администрација се меѓу нашите главни активности, како напор за зајакнување на институциите, за професионализација на администрацијата и за подигање на благосостојбата на граѓаните, како и создавање механизми за спречување на корупцијата и зголемување на демократските вредности.
,,Ги потврдивме одличните односи и цврстото партнерство меѓу двете земји, и ѝ се заблагодарив на амбасадорката за досегашната поддршка. Се договоривме дека ќе имаме континуирани средби за продлабочување на ова партнерство“, истакна министерот Алити.