Одржана јавна расправа за Нацрт верзијата на Националната Стратегија за развој на Информациски и комуникациски технологии 2023-2027
Скопје, 29 декември 2022
Презентирање на Нацрт верзијата на Националната Стратегија за развој на Информациски и комуникациски технологии 2023-2027 и дискусија за истата, беше целта на денешната јавна расправа.
Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити на денешната јавна расправа истакна дека Владата на РСМ, преку МИОА, е цврсто решена во своите заложби да ги користи предностите на ИКТ индустријата и да создаде напредно информатичко општество, а со тоа да ја зголеми продуктивноста, ефикасноста и иновациите во јавниот и приватниот сектор.
Министерот Алити во оваа дебата, заедно со Дрита Муртезани – специјален советник за ИКТ како и други внатрешни и надворешни експерти, ја презентираше целта и фокусот на оваа стратегија
„Сестраното и рационалното инвестирање во развојот на дигиталната средина, зголемувањето на квалитетот и достапноста до јавните услуги како што се креирање на дигитален амбиент кој дава пристап и можност за користење на е-услугите се целите на кои внимателно и посветено работиме со тимот од ИТ секторот во МИОА’’, рече Алити.
Министерот потенцираше дека Националната стратегија за ИКТ 2021 - 2025 се фокусира на утврдување на приоритетните области во ИКТ-секторот и има за цел да ја подготви РСМ за сестрана и оспособена дигитална иднина.
Алити додаде дека Нацрт верзијата на Националната Стратегија за развој на Информациски и комуникациски технологии 2023-2027 се базира врз четири столба кои се детектирани како клучни за забрзување на социјалниот, еколошкиот, индустрискиот и технолошкиот напредок и создавање решенија за одржлив животен циклус:
-Дигитална поврзливост и државна ИКТ инфраструктура;
-Дигитални вештини – за нашите граѓани да бидат опремени со дигитални вештини и само така можеме да имаме високо влијание врз продуктивноста за да обезбедиме економски раст и отворање работни места;
-Дигитална влада – за понатамошна модернизација на јавната администрација, зголемување на употребата на дигитални платформи и иновативни дигитални интеракции;
-Дигитализација на бизниси, ИКТ овозможувачи и дигитални иновации - на тој начин овозможувајќи им на нашите бизниси да се претворат од локални играчи во глобални конкуренти.