Министерот Шаќири учествуваше на Министерскиот состанок за Отворено владино партнерство. МИОА е исклучително посветена на визијата за отворена влада.

Скопје, 13 април 2021   

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири денеска учествуваше на министерскиот состанок за Отворено владино партнерство(ОВП), заедно со премиерот Зоран Заев и извршниот директор на Отворено владино партнерство од Њујорк, Санџај Прадан.

На состанокот се разговараше за значењето на Отвореното владино партнерство за Северна Македонија и неговата имплементација и достигнувања, со цел унапредување на постојните вредности на транспарентно,  отчетно и одговорно работење на Владата.

Министерот Шаќири посочи дека МИОА како надлежна институција за координација на процесот за ОВП работи во тесна соработка со невладиниот и јавниот сектор и е исклучително посветена на визијата за отворена влада.

„Зад себе имаме четири акциски планови и резултати кои направија промена во нашето општество и тоа не само како конкретно реализирани проекти, туку ја унапредија културата на работењето на институциите на начин што денес јавноста полесно може да го разбере работењето на Владата и да влијае врз нејзината работа преку вклучување во процесите на креирање на јавните политики и испораката на јавните услуги“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека постојат механизми преку кои јавноста може да бара од Владата одговорност за нејзините политики и перформансите на испорачаните услуги.

Министерот Шаќири најави дека во јуни, како резултат на  еден  динамичен и инклузивен процес на подготовка, со активна вклученост на претставници од граѓанскиот и јавниот сектор, Советот за ОВП, Мрежата на граѓански организации за ОВП, ќе произлезе петтиот Национален акциски план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година.

Во меѓувреме, пуштен е во употреба порталот за Отворено владино партнерство кој претставува централна точка за консултација, мониторинг, вклучување, вмрежување и известување на сите засегнати и заинтересирани страни во овој  процес.

„Верувам дека со иницијалната заложба во следните две години, да се работи интензивно на прашањата за пристапот до правда, правното зајакнување на граѓаните и унапредување на правната заштита особено на  младите, маргинализирани групи и жени, унапредување на испораката на јавни услуги, продолжување на активностите поврзани со јавно објавување на информација за вистинските сопственици, отварањето на нови податоци, како и активностите за спречување на корупцијата преку унапредување на транспарентноста на процесот на именување на функционери, надоградба на системот за презентација и транспарентност на анкетните листови и изјава на интереси,  ќе се обезбеди вистинско препознавање на резултатите а граѓаните ќе бидат во можност да ја потврдат промената“, заклучи министерот Шаќири.

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form