Презентирано решението на „Мастеркард“ за дигитална идентификација

Скопје 18 февруари 2021

Денеска се одржа работна средба со претставниците на „Мастеркард“, преку видео-конференциска врска, на која беше презентирано решението за дигитална идентификација на граѓаните на Република Северна Македонија.

На работната средба присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, министерот за финансии Фатмир Бесими, како и високи претставници на компанијата „Мастеркард“, преставници од НБРМ и претставници од Управа за финанско разузнавање.

„Овој месец означуваме една година од потпишувањето на меморандумот за воспоставување на услуга за дигитална идентификација за граѓаните на Република Северна Македонија. Можеме да имплементираме најсовремени системи за е-услуги, да инвестираме во опрема и софтвер, но без средства за електронска идентификација, граѓаните ги праќаме на шалтерите како пред десетици години. Живееме во време кога технологијата го променува нашиот живот на подобро и треба сите да придонесеме за тоа. Со воспоставување на услугата за дигитална идентификација граѓаните од нивните домови ќе аплицираат за услугите во државата и услугите од компаниите во приватниот сектор“, истакна министерот Јетон Шаќири.

Министерот Шаќири посочи дека, користејќи ја услугата за електронска идентификација, јавните институции и компаниите во приватниот сектор со сигурност ќе го знаат идентитетот на лицето кое ја побарало услугата и дека истото лице го потврдува спроведувањето на таа услуга, без можност за каква било измама.

„Дигитализацијата е процес кој може да создаде услови за поголем економски раст, раст кој ни е ургентно потребен. Во рамки на Стратегијата за заздравување и забрзан раст (SmartER Growth), согласно која дејствуваме во насока на забрзување на економскиот раст во земјава, ја препознаваме и високо вреднуваме дигитализацијата на економијата и јавните услуги како предуслов за забрзан инклузивен и одржлив раст. Концептот на дигитална економија е систем на институционални концепти и содржи достигнувања на прогресивните технологии, а крајната цел е да служи за зголемување на ефективноста на вкупното производство преку оптимизирање на процесите и намалување на трошоците. Тоа е економија заснована на професионално знаење, познавање на пазарот, но и креативност и иновативно општество“, потенцираше министерот Бесими.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, истакна дека на овој начин нашата земја ќе биде дел од светските трендови:

„Со оваа можност, правиме голем и важен чекор во дигитализацијата на нашиот сопствен идентитет што е предуслов за многу безбедни мрежни услуги во земјата и во светот. Имено документите што ќе бидат потпишани преку оваа апликација ќе бидат признати дека не само во нашата земја, но во сите земји во Европа и каде и да се продава услугата електронска лична карта на „Мастеркард“. Решението развиено од „Мастеркард“ може да го користат институциите, но и деловните субјекти кои сакаат да ги користат придобивките од технологијата, да воведат дигитализација на нивните процеси и да ги заменат хартијата и пенкалото со електронски документи, електронски потпис и одобрување преку паметни телефони. Дигиталната идентификација ќе овозможи секој процес или постапка што бара потпис и лично присуство да се направи од дома, од работа или каде било преку мобилни телефони“, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев.

Ова е прва услуга за електронска идентификација на граѓаните и ќе биде достапна за два месеци.

На денешната работна средба меѓу другите учествуваа и: Никола Николов од МИОА, координатор на работната група за спроведување на меморандумот со „Мастеркард“ за воспоставување на услуга за дигитална идентификација, потоа Паоло Батистон од „Мастеркард“, кој е извршен потпретседател за услуги во Европа, Иван Хаџов, бизнис менаџер за развој на дигитални производи за Северна Македонија, Косово и Албанија во Мастеркард, како и Георги Димитров, член на одборот на директори на Евротраст.

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form