Гостување на заменик министерот Александар Бајдевски во „Стадион“ на Канал 77

Скопје, 13 февруари 2021

По повод Светскиот ден на радиото, 13 февруари, заменикот министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, беше гостин во „Стадион“ на Канал 77. Наместо од студио, емисијата се емитуваше од Мозаик салата во претседателската вила, а разговорите се водеа на тема „Има ли вакцина за спас на медиумите“.

Заменик министерот Бајдевски истакна дека радиото во свои раце ја има моќта да промовира  различности и слобода на изразување, да едуцира, да пренесува веродостојни информации за општо добро, што особено се покажа во изминатиот период на пандемијата.

„Извештаите на Европската унија од 2014, 2015 и 2016 година, нотираа сериозна загриженост во однос на контролата на владата врз медиумите, заплашување и малтретирање на новинари, притисоци и закани за уредувачката политика да биде во корист на главната владејачка партија. Во последните 3 години имаме извештаи каде се забележува подобрена политичка клима и намалување на притисокот врз новинарите. Денес имаме слободни медиуми, Владата веќе не е доминантен огласувач во медиумите, постои тренд на опаѓање на случаите за клевета, органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство ефикасно ги следат инцидентите во кои се вклучени новинари, а медиумските здруженија ја признаваат посветеноста на властите за безбедноста на новинарите“ - истакна Бајдевски.

Во емисијата се разговараше и за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за лажните вести, изборот на Програмски совет на МРТ и совет на АВМУ, а учесниците дебатираа и за формирање на Програмски фонд, како и за идни реформи во медиумите.

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form