Министерот Шаќири учествуваше на 11 состанок на РеСПА на министерско ниво

Скопје, 6 ноември 2020

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири учествуваше на 11-ти состанок на Управниот одбор на РеСПА на министерско ниво, што се одржа онлајн. Во фокусот на состанокот беше препознавањето на работата на Регионалната школа за јавна администрација-РеСПА во изминатиов период полн со предизвици, но и во десетте години од нејзиното постоење.

На состанокот учествуваа и Сузана Прибиловиќ, министерка за јавна администрација на Црна Гора, Марија Обрадовиќ министерка за јавна администрација и локална самоуправа на Република Србија, Мајлинда Дука директорка на Одделот за развој и добро управување при Канцеларијата на премиерот на Република Албанија, Невен Акшамија директор на Агенцијата за државна служба на Босна и Херцеговина, како и Џеновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан при Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија.

Министрите ја одобрија „Декларацијата за дигитална трансформација“, која беше иницирана на минатогодишната Министерска конференција во Скопје, при што се обврзаа дека ќе ја унапредат поддршката која РеСПА ја обезбедува во областа на дигитализацијата, е-услуги и управување со квалитетот. 

Воедно, едногласно беше усвоен Годишниот извештај кој опфаќа информации поврзани со програмата за работа 2019-2020, соработката со партнерските организации, мониторинг и евалуација, а беше усвоен и Буџетот за 2021-2022 година и Распределбата на Буџетот за 2021 година. Како што посочи директорката на РеСпа Ратка Секуловиќ, министрите целосно ја поддржаа иницијативата за формализирање на РеСПА како единствен ресурсен центар за управување со квалитетот на Западен Балкан.

Оваа година, Претседавач со РеСПА беше Црна Гора, а во следната 2021 година, тоа ќе биде Србија.
Инаку, РеСПА е меѓународна организација, создадена на иницијатива на Европската унија и земјите од Западен Балкан, која работи на поттикнување и зајакнување на регионалната соработка помеѓу земјите-членки во областа на јавната администрација, управување со човечките ресурси и реформа на државните служби.

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form