Извештај од проценка на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во Македонија
Скопје, 21 август 2018 год.
Во рамки на посебната соработка помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи во областа на сајбер безбедноста, а со поддршка на Светска Банка, на почетокот на 2018 година се одржа тродневна Проценка на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во Република Македонија.
Проценката беше спроведена од страна на експерти од Глобалниот центар за капацитети во областа на информатичката безбедност на универзитетот Оксфорд, преку консултативни средби со претставници на јавниот сектор и критичната национална инфраструктура, но и бизнис секторот, академскиот сектор, граѓански здруженија и интернационалната заедница.
Моделот за проценката е базиран на пет димензии, во кои се опфатени јавните политики и стратегии, културата и општеството, образованието и вештините, правните и регулаторни рамки, како и стандардите и технологиите од областа на сајбер безбедноста.
Наодите кои произлегоа од Проценката на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во Република Македонија се презентирани во извештајот со што се овозможува објективно разбирање за областите кои треба да се подобрат и активностите кои треба да се преземат во таа насока. Во извештајот се наведени и препораки за подобрување на капацитетите во областа на информатичката безбедност, во насока на добивање отпорен и иновативен сајбер простор во Република Македонија, што во крајна линија ќе придонесе кон подобрување на човековите права и добросостојбата на сите граѓани.
Извештајот од проценката на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во Република Македонија е достапен на англиски јазик на следниот линк link.
Република Македонија веќе започна со спроведување на добиените препораки и зајакнување на своите капацитети за сајбер безбедност, со усвојување на Националната стратегија за сајбер безбедност на Република Македонија 2018-2022.
Министерство за информатичко општество и администрација