МИОА со реакција на обвинувањата за јавната набавка за Дигиталниот Самит
Скопје, 12 април 2018 година
Во однос на обвинувањата за постапката за јавна набавка за техничка реализација на Дигиталниот Самит, Министерството за информатичко општество и администрација ја информира јавноста дека во спроведената постапка нема ништо спротивно на Законот за јавни набавки.
Конечната одлука за форматот на Дигиталниот Самитот кој претставува обврска од Повеќегодишниот акциски план за регионална економска соработка на земјите од Западен Балкан, се донесе на 2ри март на состанок на Управниот одбор за организација на Самитот, кој се одржа во Берлин, Германија.
Одлуките поврзани со форматот на самитот и потребниот буџет произлегоа од заклучоците на овој состанок.
За ова МИОА ја информираше и Владата на Република Македонија, за што достави информација којашто беше усвоена на Педесет и осмата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 13.3.2018 година.
Во вкупната сума предвидена за техничката реализација на самитот, вклучени се 50.000 евра од Советот за регионална соработка со седиште во Сараево (РЦЦ), 5.000 евра од Друштвото за меѓународна соработка (ГИЗ).
Согласно ова, за спроведување на јавната набавка, потребно беше претходно да се потпише договор со РЦЦ (14.03.2018 ) и ГИЗ (30.03.2018). Дополнително, беше потребно да се склучи меморандум за соработка и договор со Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, каде се организираат дел од настаните.
Согласно законот за јавните набавки овие постапки во најкратки рокови траат 34 дена. Поради тоа не може да се примени рокот за спроведување на отворена постапка за јавна набавка, ниту пак за ограничена постапка.
За жал работевме во екстремно кратки рокови кои не зависеа од нас.
Ова беше единствен начин, Македонија да биде домаќин на еден од најголемите регионалните настани за оваа година.
Македонија повеќе не е изолирана земја, туку се стреми кон што е можно поголема поврзаност со своите соседи и градење на добрососедски односи Дигиталниот Самиот претставува единствена можност за да се зголеми дигиталното поврзување и соработка во ИТ сферата помеѓу земјите од регионот и ЕУ.
Заклучоците и дефинираните активности кои ќе произлезат од Дигиталниот Самит, се од особено значење за економскиот развој на Македонија и остварување на заедничката цел, а тоа е влез во ЕУ.
Министерство за информатичко општество и администрација