Манчевски се обрати на 12-то редовно годишно собрание на МАСИТ
Скопје, 29 март 2018 година
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска се обрати на дванаесеттото редовно годишно собрание на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).
Во својот говор, министерот Манчевски посочи дека во ерата на дигитализација на сите процеси, партнерството помеѓу државата, бизнисите и граѓанскиот сектор е клучна, при што во тој контекст потребни се суштински промени во начинот на работа, потребни се промени во животните навики и треба што побрзо да се адаптираме на тие промени.
„Државата треба да е врската, мостот меѓу компаниите и академската заедница. Оваа влада работи на развој на стимулативна деловна клима во земјата. Сакаме да помогнеме во брзо ширење на информации меѓу фирмите за нови технологии, пазари и други можности. Но, исто така, со целосната отвореност и транспарентност сакаме компаниите да имаат навремени информации и да се подготват за проектите кои ќе следуваат“, рече Манчевски.
Со цел постигнување целосна дигитална трансформација, министерот Манчевски посочи повеќе проекти од оваа област на кои се работи во моментов, како што се: нов национален портал за е-услуги, електронски регистер на население, технолошки парк, нов портал за отворени податоци, нови стратегии за широкопојасен интернет, сајбер безбедност и долгорочна ИКТ стратегија итн.
„Во креирање на нашите тековни активности но и идни планови и ги вклучуваме ИКТ компаниите во сите проекти на кои работиме. ИКТ компаниите се дел од сите работни групи кои што ги формираме: секторска работна група за дигитално поврзување, работните групи за широкопојасен интернет, работни групи за реформи во јавната администрација во делот на дигитализацијата...На нас ни требаат не само јаки институции, туку и јак приватен сектор, силни компании кои заедно со нас ќе работат на ова поле“, заклучи министерот Манчевски.
Во рамки на Годишното Собрание на МАСИТ, свечено обраќање имаа и Амбасадорот на Холандија во Македонија, г-дин Вотер Пломп и Директорот на мисијата на УСАИД Македонија, г-дин Дејвид Атбери.
Министерство за информатичко општество и администрација