Министерот Манчевски во работна посета на Тирана, Албанија
Тирана, 20 јули 2017 година
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска е во работна посета на Тирана, Република Албанија. За време на посетата министерот Манчевски оствари средба со генералната директорка на Националната агенција за информатичко општество Линда Карцанај и со министерката за иновации и јавна администрација Милена Харито. Министерот Манчевски го посети и Националниот регистар на граѓани.
Со директорката Карцанај, министерот Манчевски разговараше за досегашните позитивни искуства на агенцијата за информатичко општество. Директорката Карцанај се осврна на услугите што тие ги нудат на останатите институции во Албанија, а на средбата беше презентиран и проектот Е-Албанија. Министерот Манчевски ги сподели заложбите на министерството за реализација на проектите што се однесуваат на Централниот регистар, Е-услуги и отворена влада.
На средбата со министерката Харито, разговараа за позитивните искуства на Албанија со проектот one stop shop, како и за Албанската школа за јавна администрација. Министерот Манчевски ја информираше министерката Харито за реформите во јавната администрација на кои министерството работи во моментов.
За време на посетата на Националниот регистар на граѓани, Манчевски оствари средба со заменикот министер за внатрешни работи Стефан Чипо и со директорот на Националниот регистар Бледар Дорацај.
Заклучокот од средбите беше дека постои можност Македонија и Албанија да соработуваат во иднина, во делот на развој на информатичкото општество и во сферата на јавната администрација.
Министерство за информатичко општество и администрација