ТОЧКА ЗА ИНФОРМИРАЊЕ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ ЗА ЈАВНИТЕ ОРГАНИ ЗА ПРИМЕНА НА ЗОУП

Собранието на Република Македонија на 23.07.2015 година го донесе Законот за општата управна постапка (во понатамошниот текст, ЗОУП) и истиот стапи на сила 8 дена од неговото донесување. Законот предвидуваше одложна примена од една година, освен за одредбите кои се однесуваа на комуникација помеѓу јавните органи за кои беше предвидена одложна примена во период од шест месеци. Законот започна да се применува на 31.07.2016 година.

Законот за општата управна постапка ја уредува работата на управата и нејзиниот однос со граѓаните. Во минатото, главниот предизвик на законот било почитувањето на начелото на правната држава, според кое управните акти треба да се засноваат врз позитивна законска регулатива. На овој начин, во услови на ограничување на авторитарната власт на управата, се гарантирала предвидливоста на управните акти, правна сигурност и владеење на правото.

Меѓутоа, современиот Закон за општата управна постапка,  треба да одговори на современите предизвици поврзани со културните, технолошките и економските промени кои се случиле во текот на изминатите децении. Една од овие промени може да се опише како поголема еднаквост во односот помеѓу државните органи и граѓаните. Современата управа повеќе не го гледа граѓанинот како потчинет пред јавните органи. За денешната управа граѓанинот претставува вредност. Друга промена е начинот на комуникација меѓу институциите и граѓанинот како резултат на брзиот и револуционерен развој на информатичката и комуникациската технологија, како и значително зголемување и забрзување на сите видови на регулирани односи во општеството.

Со цел унапредување на примената на ЗОУП, како и поголема ефикасност и поедноставна комуникација со институциите, во Министерството за информатичко општество и администрација формиран е тим на административни службеници одговорни за имплементација на ЗОУП иотворена е точка  за информирање (helpdesk) за обезбедување на практични совети за јавните органи за примената на ЗОУП преку линкот – www.mioa.gov.mk/zoup на која овластените лица или раководителите на одделенијата или секторите за управни постапки во јавните органи ќе можат по електронски пат да се обратат со свои прашања и проблеми со кои се соочуваат во врска со примената на Законот за општата управна постапка.

Воедно, посочуваме дека на овој линк се дадени сите потребни документи  кои би можеле да Ви користат во одговор на Вашето прашање или одредени нејаснотии поврзани со примената на ЗОУП. Доколку одговорот не е содржан во некој од прикачените документи, Ве упатуваме Вашето прашање да го поставите на горенаведениот линк, со избирање на насловот, односно главата од ЗОУП на која се однесува Вашето прашање.