Бизнис форум „Македонија – ново економско чудо во Европа“ во Вашингтон

Вашингтон, 7 март 2008

Промоцијата на Македонија пред американската јавност како стабилна и просперитетна држава и нејзините потенцијали за привлекување на странски инвестиции беа главни теми на бизнис форумот „Македонија – ново економско чудо во Европа“ што денеска се одржа во Вашингтон, јави известувачот на МИА.


Министерот задолжен за информациско општество М-р Иво Ивановски, говореше на тема „Македонија прва земја во светот со безжичен интернет“.

Ивановски ги информираше присутните за новите иницијативи на македонската Влада за развојот на информациските технологии, како што се „Компјутер за секое дете“ и „Македонија, земја на експерти за информатичка технологија“. Тој ги информира присутните на форумот и за отворањето на Универзитетот за информатичко општество, за доделувањето на владини стипендии за студенти во ИТ секторот, за ваучерите за компјутери за апсловентите, како и на курсевите за обука за работа со компјутери.
Ивановски говореше и за севкупниот развој на ИТ секторот во Македонија и за партнерството меѓу Владата, приватниот сектор и донаторите во реализација на проекти од сферата на информатичкото општество.


Воведно обраќање на собирот имаше потпретседателот на македонската Влада, Зоран Ставрески, кој се осврна на состојбите во Македонија, која, како што рече, со конструктивната улога и однесувањето на Балканот постојано ги гради своите индивидуални капацитети во согласност со евроатланските стандарди.

- Нашиот модел на стабилност и овозможи на Република Македонија да ја засили својата улога како генератор на стабилноста на Балканот, со што придонесува и за европската и глобалната безбедност, потенцира Ставрески, додавајќи дека еден од највисоките стратешки приоритети на владината агенда е евроатланската интеграција на земјата.
Тој истакна дека Македонија успешно исполнувајќи ги стандардите, заслужува покана за членство во НАТО на претстојниот самит во Букурешт идниот месец, нагласувајќи дека поддршката од САД во тој процес е од непроценлива важност.

Вицепремиерот подетално се осврна на економската политика и сеопфатните реформи на Владата во клучните сфери за подобрување на бизнис климата кои резултираа со порастот на БДП и извозот и значителниот зголемување на странските дирекни инвестиции.

Како значајни економски реформи во текот на 2007 година тој ги потенцира намалувњето и воведувањето на рамни даноци, даночни и царински олеснувања за инвеститорите во слободните економски зони, регулаторната, функционирањето на едношалтерскиот систем, либерализацијата на финансискиот и телекомуникацискиот сектор, засилување на конкурентноста на македонските компании и инвестирањето во развојот на инфраструктурата.
Тој нагласи дека можностите за раст беа воочени и од странски и од домшни инвеститори, кои реализираа значајни инвестиции во речиси сите сектори, посочувајќи ги како пример инвестициите на „Џонсон Контролс“, „Џонсон Мети“ и „Сосиете Женерал“.

- Убеден сум дека изнесов бројни аргументи зошто е вистинско време на Македонија да се гледа како на инвестициска дестинација за вашите бизниси. Верувам дека овој форум ќе им помогне на американските бизнисмени подобро да ја разберат инвестициската клима и предностите за инвестирање во Македонија, нагласи Ставрески.

Раководителот на „Буз Ален Хамилтон“, Марк Белчер, во обраќањето на форумот нагласи дека според податоците на Светската банка за економскиот раст на Македонија, можат да се издвојат четири фази.
Тој нагласи дека по периодот на назадување во првите години на независноста, земјата од средината на 90-те години на минатиот век започна фаза на раст, кој беше прекинат со конфликтот во 2001 година, по кој земјата повторно влезе во фаза на раст, што се очекува да биде уште поголем во четвртата фаза во пресрет на интегрирањето на државата во НАТО и ЕУ.
Според него, ваквите податоци покажуваат дека Македонија се претвора во место кое нуди добри можности за странските инвеститори.

Претседателот и главен извршен директор на „Нортел“, Мајк Зафировски ги поздрави достигнувањата на македонската Влада во подобрувањето на бизнис климата во Македонија и во зголемувањето на можностите за инвестирање.
Тој посебно го потенцираше фактот дека Македонија е прва земја во светот со безжичен интернет, а како особено значајни ги истакна спроведувањето на регулаторната гилотина и воведените поволности за странските инвеститори.

Министерот без ресор Глигор Ташовиќ и директорот на Агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо говореа на тема „Инвестирање во Македонија: Нова дестинација во Европа“. Во своите излагања тие говореа за можностите што им се нудат на бизнисмените за инвестирање во Македонија, а презентираа и конкретни сфери и области во кои можат да вложуваат странски инвестиции, со посебен осврт на поволностите на слободните индустриски зони.

За своите позитивни искуства со инвестирањето и работењето во Македонија пред присутните на форумот говореа претставникот на „Џонсон Контролс“, Игор Лештар и шефот на Програмата е-Влада на УСАИД, Ролф Јеркер Тронгрен.

На форумот присуствуваат стотина претставници на моќни американски компании, меѓу кои и членки на Фортуне 500 листата, како и на меѓународни финансиски институции и влијателни невладини организации, медиуми и политички и лоби кругови од САД.