Средба на министерот Манчевски со Синдикатот на УПОЗ

Скопје, 12 февруари 2018 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, одржа работна средба со претставници на Синдикатот УПОЗ.

 

Оваа средба претставува продолжување на воспоставениот социјален дијалог со Синдикатот на УПОЗ со цел изнаоѓање конкретни решенија за отворените прашања кои постојат во јавната администрација како што се:

• Добивање на соодветни решенија за степен на кариера и соодветно зголемување на вредноста на бодот на административните службеници;

• Зголемување на платите на административните службеници;

• Заштита на работните места на административните службеници при евентуалното намалување на бројот на вработените;

• Нов начин за пресметување на платите на административните службеници;

• Потпишување на Грански Колективен договор за административните службеници и другите вработени во државната администрација;

• Измени на Законот за инспекциски надзор и,

• Дополнителни измени на Законот за административни службеници.

 

Министерот Дамјан Манчевски информираше дека по направената анализа од МИОА и заклучокот на седницата на Владата, се преземени активности во насока степенот на кариера да биде испратен на сите административни службеници кои исполнуваат услови за тоа, а веќе започнатите судски постапки да се завршат со судско порамнувања или спогодба. Тој потенцираше дека доколку институциите прават притисоци врз вработените и не го исплаќаат степенот на кариера на тоа веднаш да се укаже до министерството за лицата кои тоа го прават бидат санкционирани.

 

Во однос на прашањата за намалување на бројот на административни службеници кои беа актуелни во изминатиот период, министерот Манчевски наведе дека не треба да постои страв од губење на работните места бидејќи МИОА и Владата остануваат на ставот дека сите вработени во администрацијата ќе ги задржат своите работни места. Во оваа насока се подготвува детална анализа за бројот на вработени во администрацијата и доколку се утврди дека во одредени случаи постои превработеност, одреден број вработени исклучиво со нивна согласност би биле преземени кај работодавач од реалниот сектор кој би ја гарантирал сигурноста на работното место.

 

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски и министерот Дамјан Манчевски имаат заеднички став дека институциите имаат обврска доследно да ја почитуваат одлуката за работното време која беше донесена во полза и за сметка на вработените.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација