Предизвици и проблеми при користење на услугите од јавната администрација

Скопје, 25 декември 2017 година

Министерството за информатичко општество и администрација продолжува со постојаната соработка со граѓанскиот сектор при детектирање на проблемите и креирање на политиките за подобрување на услугите што граѓаните ги добиваат од институциите.

 

Во тој контекст советничката за правни прашања на министерот, Ана Малцева денеска беше дел од презентација на извештајот од истражувањето „Предизвици и проблеми на граѓаните при користењето на услугите од јавната администрација.

 

„Истражувањето дава реална слика за проблемите со кои се соочуваат граѓаните при користењето на услугите што ги нуди јавната администрација. Податоците кои се дел од анализата се од особено значење за нас како креатори на политики, особено што во овој период МИОА работи посветено на значителни поместувања во подобрување на пристапот и услугите што јавната администрација ги нуди. Истражувањето претставува почетна точка за тоа во која насока да ги подготвуваме и предлагаме промените. Податоците ни се важни и ќе бидат земени во предвид и при креирање на политиките“, истакна Малцева.

 

Таа потенцираше дека истражувањето ќе биде искористено при подготовка на Законот за централен електронски регистар на население и за Законот за електронски услуги.

 

Истражувањето е дел од меморандумот за соработка потпишан помеѓу МИОА и Македонската платформа против сиромаштија во рамки на проектот „Зајакнување на националниот капацитет за собирање, анализа, дисеминација и употреба на популационите податоци, за информиран развој на политики и идентификување на социјалните и економските нееднаквости“. Проектот е дел од развиеното стратешко партнерство со Фондот за население на обединетите нации, УНФПА.

 

Истражувањето и извештајот се изработени од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии.

 

 

Министерство за информатичко општество и администрација