Ивановски : Во Македонија постои интерес за искористување на отворените податоци

Скопје, 29 април 2015 година

Во пресрет на Хакатон настанот за отворени податоци, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и генералниот директор на Мајкрософт во Скопје, Стефан Плавјански, ја афирмираа идејата за зголемување на свеста и разбирање на вредноста на отворените податоци, кои ќе бидат користени од страна на млади и успешни претприемачи за развивање на апликации.

 

Ивановски истакна дека министерството има цел да ги мотивира младите девелопери, иноватори и новите бизниси, да ги користат отворените владини податоци, со цел да развијат некое свое ново решение.

 

„Во изминатиот период интензивно соработувавме со 27 институции, чии податоци денес се отворени во компјутерски читлив формат и подготвени за користење од страна на потенцијални девелопери, компаниите, граѓанскиот сектор и други субјекти. Станува збор за 39 линкови, 82 бази на податоци и 33 датотеки„„- рече министерот Ивановски.

 

Со цел да се овозможи систематизиран пристап, Министерството го воспостави порталот www.otvorenipodatoci.gov.mk, кој го стимулира развојот на нови содржини, апликации и услуги кои ќе се изградат врз отворените податоци.

 

„Според статистиките, најискористена е базата за Адресар на детски градинки со 246 преземања, потоа Буџетот на Република Македонија со 90 преземања и Адресарот на приватни детски градинки со 88 преземања. Во колоната на прегледи на самите податоци, најатрактивни се податоците за влез и излез на патници на граничните премини со 367 прегледи, Буџетот на РМ со 298 прегледи, пренесени броеви со 239 и други.„- соопшти министерот Ивановски.

 

Тој ги повика сите заинтересирани девелопери кои сакаат да учествуваат со своја апликација на Хакатон настанот, до 20 мај да ја осмислат својата идеја и да се обратат до министерството доколку им се потребни дополнителни податоци, со цел истите да бидат достапни.

 

Генералниот директор на Канцеларијата на Мајкрософт во Скопје, Стефан Плавјански, истакна дека Хакатонот ќе трае до 15 јуни, кога ќе бидат објавени победниците на настанот.

 

„Ги повикуваме сите поединци, универзитети, училишта и други заинтересирани субјекти да земат учество на овој настан, со цел да извлечеме поголем квалитет од апликациите.„- рече Плавјански.

 

 

 

 

Односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација