„Девојките во технологијата“: стипендии за ученичките - првенки на генерација

Скопје, 11 септември 2012

Десет ученички од неколку основни училишта во Скопје, кои се првенки на генерација, денес добија стипендии во вид на бесплатни обуки од областа на информатичко-комуникациските технологии.

 

Стипендиите ги доделуваат Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со МАСИТ и СЕМОС, во чиј едукативен центар ќе се одвиваат обуките. Ученичките треба да одберат обука, што ќе ја посетуваат од 15 септември во тек на два месеци.

 

- Посетата на обуките за првенките од генерациите ќе претставува извонредна можност да се осознаат основите на програмирањето, дизајнот, компјутерската анимација, или пак да ги направат првите чекори како јуниор мрежни администратори, рече на доделувањето на стипендиите заменик-министерката за информатичко општество и администрација Марта Томовска Арсовска.

 

Таа им порача дека квалификациите со кои ученичките ќе се стекнат по завршувањето на обуките, комбинирани со знаењата и натамошното образование, претставуваат несомнено капитал кој неспорно ќе придонесе за понатамошен развој на Република Македонија како современо и модерно информатичко општество.

 

Според Марта Хаџиевска, првенец на генерација од училиштето „Јан Амос Коменски“, активностите од кампањата претставуваат доста интересен начин за доближување на ИТ можностите до учениците.

 

Овие стипендии претставуваат голем стимул кој ќе ни овозможи натамошно учење, рече Хаџиевска.

 

Анета Никова, извршен директор на МАСИТ, пред ученичките посочи дека ИКТ е индустрија во која има најмалку невработени лица.

 

Стипендиите беа доделени како продолжение и надополнување на кампањата „На технологијата ѝ се потребни девојки” (TECH needs girls) која потекнува од Меѓународната телекомуникациска заедница (International Telecommunication Union – ITU) при Обединетите Нации. Овие две институции минатата година востановија „Меѓународен ден на девојките во ИКТ" (Girls in ICT day) кој се слави секој четврти четврток во месец април.

 

На 26 април оваа година, за прв пат во Република Македонија, успешно беше одбележан и промовиран концептот насловен како „Девојките во технологијата”.

 

 

Одделение за односи со јавноста при

Министерството за информатичко општество и администрација