Сподели:

Заменик министерот Бајдевски се обрати на конференцијата „Какви избори-таква иднина“

Скопје, 10 април 2019 година

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски имаше свое обраќање на конференцијата „Какви избори-таква иднина“ во организација на ЦИВИЛ-Центар за слобода. На конференцијата беа презентирани наоди, анализи и препораки за претстојните претседателски избори.

Во своето обраќање, Бајдевски потенцираше дека Министерството за информатичко општество и администрација активно работи на деполитизација и професионализација на јавната администрација, со цел да биде сервис на сите граѓани и никогаш повеќе да не биде злоупотребувана за нечии партиски цели.

„МИОА во моментов  работи на хоризонталната функционална анализа, а се работи и на вертикалните функционални анализи во сите органи на државната управа. На овој начин ќе знаеме и кои институции имаат надлежности кои меѓусебно се преклопуваат, а и кои институции пред кого одговараат. Потоа ќе следи и реорганизација на јавната администрација, што е предуслов за зголемување на ефикасноста и ефективноста, да се намалат трошоците, но да се подобри квалитетот на услугите што институциите ги нудат до граѓаните и фирмите“, истакна Бајдевски.

Заменик министерот ги посочи и активностите во однос на обезбедување на професионална раководна служба.

„Знаеме дека притисоците на вработените најчесто доаѓаат од менаџментот, односно од раководните структури. Затоа изминатиот период работевме на Закон за висока раководна служба, презентиран за јавна расправа и веќе објавен на ЕНЕР.  Законот предвидува сосема нови стандарди за избор на раководни лица во државата, нешто што досега не само што не се спроведувало во Северна Македонија, туку со овој Закон сме и први во регионот.  Предвидуваме сериозни механизми и критериуми, а евалуацијата на кандидати за висока раководна служба, ќе го прават експерти во таа област.  Ќе се избере комисија за висока раководна служба, a изборот на комисијата ќе се врши во Собранието, на слична постапка како што тоа се правеше со изборот на членови на ДКСК“, истакна Бајдевски, додавајќи дека комисијата ќе биде задолжена да врши евалуација, бодување и интервјуа на сите кандидати за менаџерски позиции и на тој начин граѓаните ќе бидат сигурни дека раководната служба ги исполнува критериумите потребни за извршување на таа функција.

Како што истакна Бајдевски, процесот ќе биде јавен и транспарентен, со што конечно ќе се промени  сликата за јавната администрација, а вработените ќе можат да бидат сигурни дека нивните претпоставени нема да ја злоупотребуваат нивната позиција за партиски и изборни цели.

МИОА на својата веб страна објави и алатка, каде може да се пријави притисок на работно место за време на претстојната кампања за избор на претседател.

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form