Сподели:

Министерот Манчевски на конференција за отворено владино партнерство во Грузија

Тбилиси, 19 јули 2018 год.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, е дел од меѓународната конференција за отворено владино партнерство, што се одржува во Тбилиси, Грузија.

Министерот Манчевски беше еден од говорниците на панел сесијата на тема: „Од ангажман до ко-креирање. Обновување на довербата за подобри реформи за отворени влади“. Тој се осврна на мерките и активностите што Владата и МИОА, ги превзеде изминатата година со цел транспарентност и отчетност во работењето на институциите.

„Донесовме одлука со која ги задолживме сите државни институции да објавуваат листа на 21 документ од јавен интерес. Договорите склучени преку јавни набавки повеќе не се тајност во Македонија, туку се јавно објавени и достапни до сите граѓани.  Голем исчекор во отчетноста за тоа како се трошат парите на граѓаните постигнавме со објавување информации за службените трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари. Листата ја проширивме со уште над 50тина институции и нивни директори и раководители. Тоа што ние го ветивме и што го спроведуваме во пракса е јавни расправи и консултации за сите јавни политики кои ги носиме. Потврда за тоа е и зголемување на рокот за коментирање на ЕНЕР од 10 на 20 дена. На овој начин сите заинтересирани имаат двојно поголема можност да бидат вклучени во целиот процес на креирање на закони“, информираше министерот Манчевски.

Во контекст на унапредување на политиките за објавување на отворени податоци од државните институции, заради подобрување на транспарентноста и отчетноста на институциите, но воедно и искористување на економскиот потенцијал од објавувањето на отворени податоци, министерот Манчевски зборуваше за Стратегија и Акциски план за отворени податоци.

Одговарајќи на прашањето кои се планирани активности за Македонија да биде лидер во регионот за отвореност и транспарентност, министерот Манчевски се осврна на податоците од  последното истражување Action SEE.

„Многу ме радува што можам да кажам дека Македонија веќе е лидер во регионот во транспарентност и отчетност. Ова го покажа последното истражување ActionSEE, според кое Владата на Македонија е на првото место во споредба со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. На истото ова истражување, минатата година Македонија беше на последното 6-то место. Ова е извонредно и исклучително признание и успех за сите нас кои партнерски работевме со граѓанските организации и граѓаните.  Ова е признание кое со себе носи уште поголема обврска и предизвик за да продолжиме да работиме во овој правец и да постигнеме уште подобри резултати“, рече министерот Манчевски.

„Дигитализацијата и новите технологии ни овозможуваат брза и лесна комуникација. Дигиталните технологии ни овозможуваат консултациите со граѓаните и граѓанскиот сектор да бидат секојдневна и редовна појава. Ниеден политичар повеќе нема оправдување дека немал доволно време или шанса да се консултира со сите заинтересирани страни. Денес, тоа е полесно од било кога. Ова е можност која ние ја користиме, но во иднина ќе ја користиме уште повеќе.  Се ова за што зборував денеска, Владата го прави во интерес на граѓаните, во интерес на медиумите, во интерес на граѓанското општество, затоа што, одговорното, транспарентно и отчетно владеење е основен постулат на секоја владејачка структура. Со ова ние ги поставуваме стандардите на владеење, и стандардите на политичко однесување, поточно градиме една нова политичка култура во Република Македонија, што ќе биде обврска за секоја следна владејачка гарнитура“, заклучи министерот Манчевски.

 

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form