Радослав Настасијевиќ Варџиски – заменик министер за дигитална трансформација
Радослав Настасијевиќ Варџиски е роден 1987 година во Куманово. Дипломирал на економскиот факултет при Европскиот универзитет во Скопје, на отсек Маркетинг менаџмент во 2009 година, а магистрира на истиот отсек во 2012 година. Има завршено Академија за графички дизајн во 2005 година, како и Академија за веб дизајн во 2012 година, по што активно работи на проекти во доменот на графички и веб дизајн.
Од Октомври 2016 работи како Раководител на сектор за веб развој во интернационална маркетинг агенција специјализирана за дигитален маркетинг, продукција и веб развој во Скопје, а подоцна и како оперативен менаџер на канцелариите во Скопје, креирајќи комуникациски стратегии, стратегии за дигитално рекламирање, развој на веб апликации и интернет продавници, како и други проекти за повеќе реномирани компании на домашниот пазар и пазарот во САД.
Во Октомври 2019 започнува со работа како Советник за меѓуопштинска и меѓугранична соработка во Општина Куманово. Во Февруари 2021 станува раководител на Одделение за поддршка на градоначалник, а од Јуни 2023 е унапреден во раководител на Сектор за поддршка на градоначалник и Совет на Општина Куманово, информирање, односи со јавноста и Информатичка технологија.
Во 2020 година е ангажиран како предавач во приватна научна установа на ИТ програма – Master in Digital Marketing, каде што покриваше повеќе предмети.
Во текот на кариерата активно работи како независен консултант и експерт за развој на маркетинг стратегии, управување со дигитални канали на комуникација, дигитални и веб апликации, рекламни кампањи и односи со јавност, за повеќе локални, регионални и глобални брендови. Одлично говори Англиски јазик.
Во делот на компјутерски вештини има познавање од Microsoft Office Suite, Adobe Master Collection Suite (Adobe Certified Expert in PS, AI, Ac, ID), HTML, CSS, PHP, SEMrush, Ahrefs, MOZ, Google Marketing Platform, WordPress, Mailchimp и други.
Проф.д-р Лазе Јакимоски – заменик министер за јавна администрација
Проф.д-р Лазе Јакимоски е вонреден професор на Правниот факултет - Кичево при универзитетот Св. ,, Климент Охридски” - Битола. Високото образование го завршил во 2009 година со полагање на трите државни испити и тоа од областа на граѓанско-правните науки , казнено-правните и административно правни науки. Успешно ги завршил студиите и се стекнал со диплома за високо образование за образовна квалификација на магистер по специјалност право во 2009 година.
По запишувањето на трет степен на образование, односно докторски студии од насоката Граѓанско право и со одбраната на докторската дисертација на тема, Ревиндакциона тужба за заштита на имотните права - компаративно Р. Македонија, ЕУ во април 2015 година се стекнува со диплома доктор по правни науки.
Своето работно искуство го започнува во 2010-2011 година како демонстратор на правниот факултет со одржување на вежби и други наставно-научни активности,,од 2011 до 2014 година бил помлад асистент, а од 2014 до 2017 асистент на истиот Правен факултет.
Во 2017 година избран е за доцент и одржувал предавања и други наставно научни активности по предметите Наследно право, Римско право, Граѓанско и стварно право на прв циклус до дипломски студии и Алтернативни начини на решавање на спорови, Земјишно и книжно право, Прекршочно право и постапка и Вонпарнично право на вториот циклус на студии.
Од 2022 година избран е за вонреден професор и одржувал предавања и други наставно научни активности по предметите Наследно право, Римско право, Граѓанско и стварно право на прв циклус до дипломски студии како и Земјишно и книжно право, Прекршочно право и постапка, Вонпарнично право, Трговско право, Стечај и стечајна постапка на вториот циклус на студии.
Проф.д-р Лазе Јаќимоски е автор и/или коавтор на голем број рецензирани научни и стручни трудови објавени во референтни меѓународни научни списанија и меѓународни научни публикации кои биле презентирани на меѓународни научни конференции во земјата и/или во странство во која активно учествувал. Некои од трудовите се објавени во публикации кои се индексирани во Ebsco и Web of Science.
Исто така има активно учествувано на многу домашни и меѓународни научни конференции,симпозиуми, тркалезни маси и семинари, а бил и ментор на мноштво дипломски и магистерски трудови.